Денеска (1 декември, сабота) со почеток во 20:00 часот во фоајето на МОБ, по повод Светскиот ден за соочување со ХИВ – 1 Декември, ќе се одржи донаторски концерт на оперски арии.
Овој концерт се одржува по втор пат, а е организиран во партнерство помеѓу Заедно посилни – групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија, која работи во состав на Здружението на граѓани ХЕРА, и Македонската опера и балет.
На концертот ќе настапат првенци и истакнати солисти на МОБ: Славица Галиќ-Петровска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Дешира Ахмети-Крлиу (сопран), Марика Поповиќ (мецо-сопран), Александра Лазаровска-Василевски (сопран), Ирена Кавкалевска (мецо-сопран), Билјана Талевска (сопран), како и Кирил Јосифов (виолончело) и Фана Спиркоска (виола). На програмата ќе се најдат дела на П.И. Чајковски, Г. Доницети, Џ. Верди, А. Понкиели, М. Брух, Џ. Пучини, С. Гасталдон, Ж. Бизе, Ф. Чилеа и В. Белини. Солистите ќе ги прати пијано придружба од страна на Андреја Наунов, Јанинка Невчева и Милан Јанкулоски.
Главната цел на кампањата и на концертот е да се обезбеди активна јавна поддршка за намалување на дискриминацијата и стигмата кон лицата што живеат со ХИВ во Република Македонија, преку покажување општествена одговорност и прибирање средства за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија.