Од денеска Домот на културата во Валандово има нова, современа сала опремена со светлосна и аудио опрема по светски стандарди …
Во Валандово од вечерва започнува тридневниот празник на македонската новосоздадена песна, Фолк фест Валандово, кој го одбележува своето јубилејно 30. издание. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска заедно градоначалникот Николче Чурлиновски, го отворија реновираниот современ простор.
По повод јубилејот вчера беше промовирана и богато илустрирана монографија на авторот Мирче Карамучев која говори за растот и развојот на фестивалот кој е симбол на градот Валандово, како и ЦД со најслушаните песни и победници во изминатите 30 години.
-Во овој простор, кој е во интерес на сите граѓани на општина Валандово, во иднина ќе може да се реализираат содржини од секаков вид, театарски претстави, концерти, манифестации и фестивали, посочува Канческа-Милевска.
Оваа година на фестивалот Фолк фест Валандово во рамките на трите фестивалски вечери ќе бидат изведени 33 нови композиции.
-Многу генерации со носталгија се сеќаваат на најдобрите остварувања на овој фестивал, кој стана своевидна традиција која со нетрпение ја очекуваат сите љубители на народната музика, рече министерката за култура.
Таа додаде дека новата концепција на фестивалот која предвидува и зголемување на фондот на награди ќе влијае на квалитетот на продукцијата на македонската новосоздадена песна и афирмацијата на македонската музичка традиција.
Јубилејното издание на фестуивалот денеска доби и монографија за историјата, растот и растежот на фестивалот од Мирчо Карамучев, кој на 165 страници преку текст и автентични фотографии го презентираше градењето на реномето на фестивалот и негувањето на македонската музичка народна традиција.
Во рамките на промоцијата беше презентирано и ЦД издание со најпопуларните песни кои беа изведени на фестивалските изданија во изминатите 30 години.