Во киното „Фросина“ денеска ( недела, 27 април) со почеток од 20:00 часот премиерно ќе биде прикажан краткометражниот документарен филм „Мизар – ѕвезда на надежта“ во рамките на „Скопски филмски фестивал“ во вечерта посветена на студентските филмови изработени од студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Автор на филмот е Марко Џамбазоски, студент на катедрата по филмска и ТВ монтажа, инаку и самиот е музичар во скопскиот бенд Визија.
Приказната ги обработува почетоците на легендарниот македонски бенд Мизар и трнливиот пат во кој од обичен гаражен бенд, Мизар станува една од најзначајните групи во историјата на македонската рок култура.
За овој филм се користени главно досега необјавени аудио и видео материјали од бендот од кои еден дел се демо снимки, а други се материјали кои веќе две ипол децении се заборавени длабоко во архивата на Македонска радио телевизија. Филмот е базиран на сеќавањето на членовите на Мизар од тој период – Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Илија Стојановски, Горан Таневски и Слободан Стојков, а во него се опишува и односот на Мизар кон тогашниот политички систем во Југославија и тврдоглавата желба на членовите да донесат промени во општеството, како на пример поголема слобода на мислење и изразување, не само во културата туку и воопшто.
Ова е прв документарен филм за култниот македонски бенд Мизар воопшто. Сценариото, монтажата и режијата се на Марко Џамбазоски, а снимател е Александар Ристески, студент на катедрата по филмско и ТВ снимање.