Монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во режија на Скандербек Тулпаров, а во изведба на актерот Имам Акаутдинов од театарот „Горки“ во Махачкала, Дагестан (Руска Федерација) е овогодишен добитник на највисокото признание, наградата „Гран при“ на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола, кој свечено беше затворен вчера вечер (вторник, 8 мај).
Со одлука на меѓународното жири предводено од познатиот македонски актер Бранко Ѓорчев, награди им беа доделени и на актерката Добрила Чабриќ од МНТ-Скопје која доби специјална награда за долгогодишна посветеност, искреност во глумата и свежина во изразот која на ИФМ ја изведе монодрамата „Мис Маргарида“ од Роберто Атајаде во режија на Виолета Џолева, а наградата за целокупно актерско остварување му беше доделена на актерот и режисер Петар Милошевски, кој ја изведе монодрамата „Надеж“ работена по мотиви од Тарковски, Бучер, Дуковски, Шекспир, Стринберг и Чехов.
Наградата од публиката годинава и припадна на актерката Албена Колева од Бугарија, која ја изведе монодрамата „Ширли Валентајн“.