Катната гаража што Градот Скопје минатата година ја изгради на улицата Свети Кирил и Методиј доби најмногу гласови од публиката на Интернет-гласањето за популарната архитектонска награда „Архитајзер А+“, во категоријата објекти за паркирање .
Наградата „Архитајзер А+“ што ја организира платформата за архитектура и дизајн „Архитајзер“ оддава признание на најдобрите архитектонски решенија, простори и продукти во светот.
Катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј за граѓаните беше отворена на 8 септември 2013 година. Објектот има два ката под земја и пет ката над земја, со вкупно 445 паркинг-места.
Објектот катна гаража на улицата Свети Кирил и Методиј е современ објект со модерен систем за видео надзор, систем за следење на слободни паркинг-места и за насочување на возилата, осветлување и испочитувани стандарди за противпожарна заштита.
Фасадата на објектот е изработена од ламинатни панели од природен материјал (дрво) со голема издржливост на температурни промени и атмосферски влијанија. Фасадата овозможува природна вентилација на објектот.
За илуминација на фасадата се поставени 496 светилки со LED диоди, секоја со моќност од 18 вати. Постои можност за различни сценарија на осветлување на објектот, во повеќе бои и со различно времетраење.
Проектот за катната гаража е на група автори – Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски. Автори на фасадата се од фирмата ППАГ од Австрија и Милан Мијалковиќ.