Македонската дизајнерка на индустриски производи и мебел, на изложбата која го носи името „PostWalterismus“ во Берлин, ќе се претстави со 24 рачно изработени предмети.
Од 17-ти до 29-ти октомври, Тања Добровоцки, ќе учествува на групна изложба под името „LifeStyleFactory“ во галеријата „Прима Центар“ во Берлин.
Посетителите на „Прима Центарот“ во Берлин ќе можат да ги видат сите нејзини досегашни производи претставени преку дрвени макети. На овој начин ќе бидат презентирани неколку модели од: масите „EthnoCube“, „PixelMe“, „DarkForest“ и „Zen II“, столиците „Caleidoscope“ и „Muse“, како и полицата „Архитектура“. Покрај макетите, со потписот на „LifeStyleFactory“ ќе бидат изложени и 6 тањири со карактеристични македонски етно мотиви, а ќе биде прикажано и видео од процесот на изработка и начинот на употреба на предметите.
Минатата година младата дизајнерка, со постер од решението за нејзината маса „EthnoCube“, учествуваше на изложбата „Das ist Walter“, во истата галерија, на која беа избрани четворица победници. Гласањето од на изложбата ја пласираше Тања Добровоцки меѓу првите четворица, со што и се овозможи учество на овогодинешната изложба.