Градот Бања Лука, во Република Српска (Босна и Херцеговина) ќе биде домаќин на деновите посветени на нашата култура. Како дел од програмата Македонија ќе се презентира со настани и активности кои ќе ја доближат актуелната македонска сцена поблиску до бањалучката публика и босанската јавност.
Организацијата „Европски конекции” и Здружението на Македонците во Република Српска ја организираат манифестацијата Денови на македонската култура во Бања Лука. Програмата предвидена за овој настан ќе трае од 26 – 28 октомври, а ќе опфати концерти, изложби, панел-дискусии, вечери на претставување на македонската поезија и проекции на филмови.
Авторите Звонко Таневски и Марта Маркоска ќе ги претставуваат новите текови на младата македонска поезија, додека двајца актери ќе ја читаат поезијата на Ѓоко Здравевски, Драгана Евтимова, Митко Гогов, Јулијана Величковска, Иван Антоновски и Винета Огненоска.
Вечерите посветени на музиката ќе ги исполнат македонските бендови: „Аир стрингс“, „Kалап“ и „Бернајс пропаганда“, со локална поддршка од бендот „Белегзија“ од Бања Лука.
Од македонските филмови ќе бидат прикажани: „Македонскиот јазик во глобалниот свет“, за кој Звонко Танески ќе даде свое излагање, како и долгометражниот „Ова не е американски филм“, на режисерот Сашо Павловски, краткометражниот „Март“, на режисерот Игор Христов и документарецот „Гето 103“ на Јане Алтипармаков. Во рамките на програмата своја изложба ќе реализира модната дизајнерка Искра Џокиќ.