Денеска (06 април, недела) во Градскиот парк во Скопје се одржа 2-та Женска трка и со што беше најавен Виз Ер Скопскиот Маратон 2014.
Повеќе од 300 жени учествуваа на овогодинешната трка, која беше дел од светските настани кои се одржаа на 6 април по повод Меѓународниот ден на спортот за развој и мир. Овој ден ќе се одбележува секоја година, започнувајќи од оваа година, од страна на земјите-членки на Обединетите нации и други партнерски организации во чест на важната улога на спортот во општеството, дали преку поттикнување поздрав начин на живот и правејќи го спортот достапен за секого или користејќи го спортот како средство за развој во областите зафатени со конфликт, сиромаштија и нееднаквост.
Второто издание на Женската трка беше инспирирано од желбата да се превенираат заболувањата кај жените, со помош на активното спортување. Покрај трката која беше во должина од 1000 метри, како дел од целата манифестација беа вклучени и аеробик вежби за загревање, како и наградна игра со наградите кои спонзорите ги овозможија за учесниците. Беа доделени околу 200 награди од Виталиа, Горска Вода, ВизЕр, Матица, Делта Спорт, Натусана, Космо, Дијагностика Фарма Хео, Септима, БиоКулт, Вау.мк и Студио 24.
– На Женската трка учествував и минатата година, и морам да признаам дека фактот што и оваа година, вторпат по ред се одржува, многу ми се допаѓа. Тоа значи дека жените сакаат да се грижат за своето здравје, но и својата линија, што е многу значајно. Денес и на дождот докажавме дека неопходно е да спортуваме, бидејќи без спорт, со модерниот начин на живот, нема да можеме постојано да бидеме полни со енергија и да работиме со полна пареа. Тоа е една од причините зошто покрај Женската трка, решив да учествувам и на Виз Ер Скопскиот маратон 2014, изјави една од учесничките на Женската трка 2014.
Женската трка 2014 беше организирана од Сојуз на Спортови, а под покровителство на Град Скопје како дел од трките наменети за промоција на Виз Ер Скопскиот Маратон 2014. На нешто повеќе од еден месец пред одржувањето на најголемиот маратон во Република Македонија, Скопје се подготвува за најмасовниот маратон од сите изминати маратонски трки. Организаторот Сојуз на Спортови и покровителот Град Скопје најавуваат голем број активности со цел промоција на Виз Ер Скопскиот Маратон 2014, како и голем број изненадувања за оние кои ќе решат да учествуваат и да го слават спортот и маратонското трчање низ Скопските улици.