Синоќа во МКЦ во Скопје беше отворено 39-то издание на Младиот отворен театар (МОТ). Фестивалот го отвори театарот „Ла мама“ од Њујорк со кантата „Ла мама“.
Вечерва на МОТ во 20:00 часот ќе биде изведена Алексис. грчка трагедија на Мотус од Италија.
Проектот Сирма Антигони, започнат во 2008-ма година, произлегува од идејата за анализирање на врската/конфликтот помеѓу генерациите преку земање на трагичната фигура на Антигона како архетип за борба и отпор.
Мотус е трупа формирана во 1991-ва година од страна на Енрико Казагранде и Даниела Николо во Римини. Замислена како лабораторија и отворена за најразлични уметнички содејства, Мотус ги истражува креативните интеракции кај различните форми на изразување.
20.00 часот Драмски театар, мала сцена
The Beautiful на Петар Милошевски. The Beautiful е морничава, исклучително визуелна, физичка, постдрамска и постбрехтовска претстава. Таа се занимава со модерното разбирање на убавината на метафоричен и симболичен начин. Што се крие зад потребата на човекот да се трансформира себеси за да стане поубав? Кои тајни, фрустрации и стравови стојат зад сето тоа? Како симфонија од зборови, физички движења, музика и светло, The Beautiful ја раскажува личната приказна на ликот, кој, заробен во сопствениот свет, се обидува да стане поубав без да го знае вистинскиот ефект од неговите постапки: физичкото и моралното распаѓање
Петар Милошевски е актер, изведувач и режисер со седиште во Лондон, кој е на сцената од осумгодишна возраст. Роден е во Македонија, со формално образование по актерска игра се стекнал на Националната академија за театар и филм во Софија, а потоа се преселил во Лондон, каде што магистрирал на Кралската школа за говор и драма. Во последниве години, работата на Петар е фокусирана на создавање на индивидуални проекти. Тој самиот ги смислува текстовите, звукот, светлото, сценографијата, и неговите претстави се значајни поради иновативното комбинирање на говорот и физичкиот театар.
По 22.00 часот, во МКЦ концерт ќе одржи белградската група Stray Dogg која за првпат доаѓа во Македонија. Бендот кој постои три години веќе има одржано над стотина концерти и е препознатлив по интерактивноста со публиката и умешноста да играат со атмосферата и стиховите.