Од денеска, среда 24 септемвр 2014 година, на плоштадот „Карпошово востание“ кај Музејот на холокаустот, до Камениот мост во Скопје, па се до 28 септември (недела), ќе се случува осмиот по ред Фестивал на виното „Вино Скоп“. Покровител и на оваа осма традиционална Манифестација е Град Скопје.
– Ни претставува особена чест, што и годинава на осмата традиционална манифестација „Вино-Скоп“ , граѓаните на Скопје, ќе имаат можност да дегустираат вина од над 40 македонски винарии, а новитет годинава е што посетителите ќе имаат можност да пробаат и вински коктели како сангрија и вино мохито. Сметаме дека овој фестивал е навистина добра можност да се презентира еден ваков македонски производ, токму затоа ќе ја искористам оваа можност да ги повикам сите љубители на виното и винските производи да дојдат на Вино- Скоп и да дегустираат и од пијалакот на боговите, но и од добрите гастрономски специјалитети и одличната музичка понуда, со еден збор да уживаат на една нова локација, на плоштадот „Карпошово востание“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Мускат, Траминец, Александрија, Вранец, Темјаника, Мерлот, Каберне Совињон, Пинот Ноар, Кавадарка, Шардоне, Белан, Ризлинг, Совињон Бланк, Семилон, Смедеревка, Ркацетели, Темјаника, Жилавка, Станушина се само дел од сортите кои се одгледуваат во нашиот регион, а кои посетителите ќе може да ги пробаат на реномираниот вински фестивал Вино-Скоп 2014.
– Афинитетот за одгледување грозје за производство на вино е еден од најважните во нашата историја, бидејќи уште од времето на македонската династија, преку римската империја, раното христијанство, па се до ден денеска виното игра значајна улога во македонската традиција и во сите славенички церемонии. Македонија е земја богата со голем број винарии, а повеќето од нив ќе земат учество на Вино-Скоп 2014. На фестивалот ќе може да дегустираме вино од: Стоби, Далвина, Попова Кула, Попов, Тиквеш, Сковин, Пивка, Сопот, Бовин, Картал, Повардарие, Трајковски, Дудин, Визба Валандово, Винар, Изворно, Вардарска долина, Камник, Алтан и многу други. Од досегашното искуство на овој фестивал се покажа дека Македонците пијат повеќе црвено вино и тоа од сортите Мерлот и Вранец, додека од белото вино најпопуларни се Траминец и Мускат. Низ годините и вековите , убавата географска положба и многуте сончеви денови прават македонското вино да биде меѓу најквалитетните во светот, а сето тоа надополнето со убавата музичка програма ветува уште една незаборавна фестивалска година. Но, доброто вино не оди и без добра храна, па така гурманите во посебниот „Food Corner“ ќе може да дегустираат од најдобрите сувомесни и млечни производи кои одлично одат со чаша вино, рече Сандра Темова, дел од организацијата на годинешниот фестивал.
Фестивалот ќе биде отворен утре, 24 септември во 18 со настапот на Дј Тина, веднаш по неа од 21 часот, публиката ќе ја забавува етно метал бендот Хроматик Поинт, а браќата Тавитијан ќе настапат со својот проект „Македонското срце чука во 7/8 такт“ со специјалниот гостин Аки Рахимовски од Парни Валјак кој ќе ги изведува старите македонски народни песни. Вечерта свое обраќање ќе имаат и винските витези од Република Македонија, а фестивалот официјално ќе го прогласи за отворен градоначалникот Трајановски.
На Вино Скоп по долго време со концерт се враќаат Дарио и Миг 21, а ќе настапат и Фолтин, Куку Леле, Митан Проџект, Бени и Нон Стоп, Дани Димитровска,Миле Кузмановски, Благица Павловска, УскаКан Оркестар и многу други.
Паркингот до Музејот на холокаустот ќе биде отворен 24 часа за посетителите, а на сите оние што утревечер,ќе дегустираат вино, организаторите им препорачуваат да конзумираат одговорно и да не возат, туку да се послужат со градскиот јавен транспорт или да одат пеш. Организаторите како и винариите учесници ветуваат добра музика, дегустација на врвни вина по цени за сечиј џеб, деликатесно мезе во катчето за храна и пет дневна забава до утринските часови.
Мотото на манифестацијата Вино-Скоп 2014 и овој пат е „БИДЕТЕ ДЕЛ ОД ЕДНА РАЗЛИЧНА ПРИКАЗНА!“.