Денеска (сабота, 06 октомври, 2012 година), со мултимедијалниот перформанс на група македонски уметници, насловен како „Местото каде сум“, во 21:00 часот на Плоштадот Македонија, ќе почне 8-то по ред издание на градската манифестација „Бела ноќ“.
Претходно, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во 20 часот, и официјално ќе го прогласи за отворено годинешното издание на „Бела ноќ 2012“. Годинава, Белата ноќ, официјално ќе биде отворена во Музејот на град Скопје, со изложбата на дела, лични предмети и приказни со наслов „Светот, Скопје и Скопјани“ во 60-те.
– Годинешната програма на Бела ноќ, е конципирана како збир на лични уметнички приказни поместени низ 5 декади во различни културни институции во градов, но програмата којашто ќе ја реализираат над 200 македонски уметници ќе спојува и многу други вонинстуционални локации насекаде низ Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.
Град Скопје, од Буџетот за одржување на Бела ноќ 2012, одвои 3,5 милиони денари.