Две филмски премиери за балканскиот рис

Приказната за првиот заловен балкански рис Марко и за неговото исчезнување, македонската публика ќе може да ја проследи во два извонредни документарни филма коишто ќе се емитуваат на првиот канал на МРТВ в недела на 30-ти март 2014 г. со почеток од 17:35 часот.

film_makedonski_ris

Станува збор за телевизиска премиера на германскиот документарен филм „Во срцето на Балканот-барајќи го рисот“ во режија на Корнелија Фолк и продукција на MDR, Германија и документарниот филм „Духот на Мавровските планини“ во продукција на МРТВ по сценарио на Катерина Групче.

– Конечно пошироката јавност ќе има можност да ги погледне овие прекрасни документарни филмови преку коишто ќе дознае сè за критично загрозениот балкански рис, за нашата работа во однос на неговата заштита и секако за другите природни вредности со кои изобилува Македонија, изјави Диме Меловски член на Македонско еколошко друштво.

Покрај рисот Марко, германската екипа на продукцијата MDR преку камерата на Jochen Schmoll лови и прекрасни пејзажи од дивокози, мечки, волци и други диви животни кои го населуваат Националниот парк Маврово. Освен природните убавини во филмот се зборува и за културното наследство на овој регион преку манифестациите Галичката свадба и „Денови на одгледувачите на овци и кози“. Филмот е снимен во текот на 2010-та и 2011-та година, трае 42 минути и е со македонска надсинхронизација.

Веднаш по германскиот документарен филм, ќе се емитува и филмот „Духот на Мавровските планини“ в недела на 30 март во 18:20 часот на првиот канал на МРТВ. Авторката Катерина Групче заедно со членовите на МЕД на уникатен и емотивен начин ја раскажува приказната за исчезнатиот рис Марко. Документарецот е снимен во мај 2013-та година во НП Маврово и ловиштето Душегубица, Лопушник.

Се претпоставува дека во Македонија живеат од 20 до 50 единки од балканскиот рис, подвид на евроазискиот рис.

You May Also Like