Две нови книги на Петар Поповски промовирани денес

Непобитни аргументи за поврзаноста на древните и современите Македонци се јазикот, фонетското писмо, личните имиња, топонимите, теогонијата – рече Д-р Петар Поповски на денешната промоција на новообјавените дела „Македонските корени“ и „Филип Втори, Александар Трети Македонски и Георгија Кастриот Искендер во македонското мијачко епско народно творештво“.

– Нашата историја е градена врз основа на туѓи пропаганди и идеологии. Време е нашата историографија да тргне во нова насока. Македонскиот како ниту еден друг народ има такво културно наследство што нуди цврсти аргументи за тоа кои сме и што сме, рече Поповски.

Промоторот на книгата Вангел Божиновски истакна дека Поповски во „Македонските корени“ го разбива официјалниот податок дека денешните Македонци дошле од зад Карпатите во 6 век и теоријата за голема преселба.

– Големи преселби во новата ера немало, постоеле во неолитот. Нив ги отфрла и светската наука, а не ги потврдува ниту археологијата зашто не постојат артефакти дека некој доселен народ  ја сменил културата што постоела на овие простори,  рече Божиновски.

Според него, официјалната историја, историчарите и МАНУ, се заробени во незнаење, а таа е изрежирана од европската историографија, има корени во 17 век, а овде во употреба од  1924 година.

– Од тој момент исчезнува суштината на македонската историја, но не и од свеста на Македонците… Поповски чекор по чекор, методолошки ги растура стереотипите што се уште ги има во образовниот систем, во кој Македонците се претставени како дојденци. Тезата за доаѓањето е растурена со богати аргументи. Во 1924 е одземено достоинството на еден народ заслужен за основање на европската цивилизација и култура, додаде Божиновски.

За книгите на Поповски  зборуваше и Тодор Петров, кој рече дека се уште се учи грчката историја за Македонија и дека Поповски е редок историчар кој пишува македонска историја.

– Д-р Поповски ги демистифицира сите квазитеории кои легализираат и легитимираат лажни истории за Македонија и за Македонците. Ако историјата ја толкувате од апсект на актуелната геополитика, секогаш ќе доаѓате до погрешни заклучоци… Територијата на Македонија била се до Кина и Индија, распослана на три континенти – Европа, Азија и Африка. Не посакуваме да ја патентираме и монополизираме. Големите цивилизации не патат од комплекс на ексклузивитет. Друго е прашањето за договорот меѓу Белград и Атина по поделбата на Македонија во балканските земји 1912-1913, републиката во рамките на Југославија, оваа наша Македонија, да се изолира од сопствената историја и археологија, рече Петров.

Легитимација за македонските корени, според промоторите, е и  богатата епска ризница и песните со историска содржина. Во епските песни од мијачкиот крај, кои се предмет на втората книга на Поповски промовирана денеска, се опеваат подвизите на Александар и Филип и, како што рече промоторот   Божиновски, се демиситифицира Георгија Кастриот Искендер како припадник на македонскиот народ.

You May Also Like