Вечерва (вторник, 9 октомври), со почеток во 20:00 часот, во Салонот 19.19 при КИЦ „Кочо Рацин” во Скопје, ќе биде одржан концерт на Дарко Багески, солист на класична гитара.
Ова ќе претставува ретка прилика за љубителите на звукот на класичната гитара да уживаат во делата на M.Giuliani, J.Kasper Mertz, A.Piazzolla, D.Reis, A.Barrios, J.Jovicic. Концертот е дел од неговата турнеја која започна минатиот месец.
По одржаните четири концерти во Кочани, Гевгелија, Битола и Копривница (Хрватска) следува концертот во Скопје со кој ќе се заокружи оваа мини турнеја.
Дарко Багески, е професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Покрај солистичките концерти во земјава и странство, тој е дел и од дуото Chilli, заедно со Аспарух Ќортошев на виолина со кој го издадоа албумот „Лирска пајажина”.