Гран При за краткометражниот „Човекот со чудна навика“ во Ваљадолид

Краткометражниот игран филм “Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на македонскиот режисер Вардан Тозија е добитник на првата награда од жирито на 57-то издание на реномираниот Интернационален филмски фестивал во Ваљадолид – СЕМИНЧИ во Шпанија, во натпреварувачката конкуренција Meeting Point.

 

Одлуката на членовите на интернационалното жири падна два филма да го поделат признанието за најдобар странски филм – белгискиот “Часови по возење“, на Елоди Лелу, и македонскиот претставник, “Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, реализиран во продукција на Наше Маало Продукција, а како продуцент се јавува Огнен Антов во соработка со Иво Антов.

Оваа фелиниевска комедија, распослана низ сивилото на правливите сокаци и напукнатите згради на Скопје, ја раскажува приказната за Петар, локален маргиналец и дежурен губитник, чиј секој нареден ден е полош од претходниот – главно поради неговата инертност, повлеченост и неспособност да се справи со сопствените проблеми. Се’ додека, еден ден… мистериозен, безимен, молчелив посетител не се појави од никаде, и почне комплетно го менува животот на Петар…

Интернационалниот филмски фестивал во Ваљадолид датира од далечната 1956 година, и се смета за еден од најстарите и најетаблирани фестивали на стариот континент. На официјалната веб страна на СЕМИНЧИ може да се види импресивна листа на светски автори кои низ годините присуствувале и учествувале во официјалната конкуренција – Кжиштоф Кишловски, Никита Михалков, Артур Пен, Абас Киеростами, Кен Лоуч, Анг Ли, Вонг Кар-ваи, Ханеке, Аронофски… Од подалечната историја меѓу лауреати на овој фестивал се провлекуваат имињата на Ингмар Бергман, Лучино Висконти, Жан Реноар, Франсоа Трифо, Луј Мал, Ридли Скот, Тарковски, … Пред да ја доживеат својата слава и да влезат во аналите на светската кинематографија,  во фестивалот на Ваљадолид имаат учествуво филмови како “Лет над кукавичјото гнездо“ на Форман, “Пеколен портокал“ на Кјубрик, “Диво дете“ на Трифо, “Шугарленд експрес“ на Спилберг… Годинашниот лауреат за најдобар долгометражен филм е “Божји коњи“ на Набил Ајуч, француско-белигиско-мароканска копродукција, филм што беше еден од победниците на годинашниот филмски фестивал во Кан. По светскиот успех на филмот “Пророк“ и признанијата во Кан, наградата  Европски Оскар, како и номинацијата за Оскар на Академијата, новиот филм на францускиот режисер Жак Одиар “Р’ѓа и коски“ беше добитник на наградата за најдобро сценарио.

“Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ – Директор на фотографија – Владимир Самоиловски, музика – Александар Пејовски, сценографија – Срѓан Митровиќ, монтажа – Филип Грчевски, дизајн на звук – Игор Поповски. Во главните улоги се појавуваат Игор Ангелов, Зоки Џубокс и Милијана Ленак. Сценариото на филмот е на Вардан Тозија, и е адаптација на истоимената кратка приказна на аргентинскиот писател Фернандо Сорентино.
Филмот е финансиски помогнат од Филмскиот Фонд на Република Македонија.

You May Also Like