Интернационалната академија за уметност „Сампат Рекна Коломбо“ од Шри Ланка е лауреат на меѓународната детска ликовна колнија „Мал битолски Монмартр“ за 2014 година, а наградата „Гран при“ ќе биде врачена на 23-ти мај во Битола.
Од детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ – Битола информираат дека за најновото издание на „Мал битолски Монмартр“ биле евидентирани над 15.000 детски цртежи од 422 училишта од вкупно 28 држави во светот.
– Меѓународното стручно жири во кое членуваа 11 истакнати уметници одлучи највиското признание од ликовната колонија во Македонија да отпатува во Шри Ланка од каде децата на возраст од 4 до 12 години ни испратија прекрасна колекција во која се слави светот на децата исполнет со радост, цвеќиња и насмевки, посочи Коста Хаџиантоновски, раководител на студиото.
Специјални награди за најдобра колекција годинава добија уметничките училишта од Коџаели, Турција, и „Петар Лубарда“ од Цетиње, Црна Гора.
На ликовната колонија во Битола годинава освен децата од државите коисе наградени ќе учествуваат и млади ликовни уметници од Кина, Украина, Тајланд, Чешка, Бугарија, Индија, Русија, Романија, САД, Унгарија, Србија, Белорусија, Словачка, Полска, Босна и Херцеговина и Македонија кои ќе сликаат во градот домаќин, но и во Охрид и во Крушево.