Град Скопје започна со целосна реконструкција на Самоилова

Градот Скопје денеска (среда, 16.05.2012 година) ги започна градежните работи за реконструкција на улицата Самоилова. Истата ќе се реконструира во должина од 2 020 метри, од почетокот на калдрмата под тврдината Кале до зградата на амбасадата на САД. Почетокот на градежните работи на улицата Самоилова го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, како и амбасадорот на САД, Пол Волерс и амбасадорот на Турција, Ѓурол Сокменсуер.

„За да се задржи автентичноста на амбиентот камената коцка ќе се пререди во должина од околу 200 метри. На останатиот дел од улицата Самоилова оштетениот асфалт ќе се раскопа, ќе се обнови тампонскиот слој и ќе се нанесе нов асфалтен слој. По должината на реконструираниот коловоз ќе се постават нови рабници, а ќе се нивелираат и 45 шахти и 10 сливници. Од двете страни на коловозот ќе се изградат нови тротоари со ширина од 1,5 до 2 метри, во зависност од условите на теренот. Тротоарите ќе се покријат со бекатон-плочки. Рокот на изведба е 120 дена,“ рече градоначалникот Трајановски.

Улицата Самоилова е од исклучителна важност за Скопје, како линк помеѓу центарот на градот и неговиот северен дел кон општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, но и како улица која води до бројни културно-историски споменици и објекти како, Музејот на Македонија, Музејот на современа уметност, недовршениот Музеј на Есма и Стево Теодосиевски, црквата Свети Спас во која се гробот на Гоце Делчев и Конзерваторскиот центар, Мустафа пашината џамија, како и тврдината Кале.

You May Also Like