Овој петок (10 октомври) во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот на нови медиуми Intermedia Day гостува Марко Батиста.
Марко Батиста гостува со аудио-визуелниот перформанс „ Monotube“
Станува збор за едно од најактивните имиња во областа на мултимедијалната уметност во Европа.
Триесет и седум – годишниот Батиста, иако по вокација ликовен уметник, има длабоко навлезено во областа на електрониката и роботиката. Овој иновативен креативец, изработува уреди и машини, кои потоа ги користи како инструменти за производство и манипулација на звучни и видео сигнали во живо. Резултатите на овој приод се уникатни аудио-визуелни перформанси, кои никого не оставаат рамнодушен.
Во Скопје ќе се претстави со еден таков перформанс во траење од половина час – се работи за делото „Monotube“, кое својата светска премиера ја доживеа минатиот месец на познатиот фестивал за визуелна уметност „Лумина“ во Португалија.
И во овој проект – Батиста продолжува да ја бруси својата специјалност, а тоа е употреба на врвна технологија во служба на креирање современа уметност.
Се работи за мултимедијална екстраваганца, каде Батиста продолжува со своите истражувања во однос на феноменологијата на поврзаноста на дигиталните ликовни проекции со соничните структури. Перформансот ни презентира паралелни нелинеарни аудио-визуелни композиции, емитирани од хибридна апаратура базирана на електронски компоненти осмислени и изработени од самиот автор.
Резултатот е ново, неконвенционално и неповторливо мултимедијално доживување.
Изведбата на „Monotube“ ќе можете да ја проследите бесплатно во рамките на фестивалот на нови медиуми Intermedia Day, овој петок во МКЦ, со почеток од 21 часот.
Гостувањето на Марко Батиста се реализира со поддршка на министерството за култура на Република Македонија и амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Иницијатор е Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која веќе две години обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.