Од денеска (четврток, 5 јуни) на репертоарот на Синеплекс ќе се најдат филмовите „Господарка на злото“ со Анџелина Џоли и „Најлошата ноќ во животот“ со Елизабет Бенкс.
Еден од најпознатите анимирани филмови ја доби и својата играна верзија, а омилената злобна вила ја толкува најголемата холивудска ѕвезда – Анџелина Џоли. Филм наменет за целото семејство кој ни носи интересна комбинација на авантура, бајка и магија во досега невидена техника на раскажување на легендарната приказна со потпис од студиото на Дизни.
2014 година ја одбележа педесетгодишнината кога светот за прв пат ја виде најпозната зла вила од светот на бајките која со својата клетва ја обележа судбината на принцезата Аурора – вилата Злорада. По „Заспаната убавица“, Злорада стана носител на новиот филм од Волт Дизни студиото. „Господарката на злото“ е единствениот филм направен според најнови технички достигнувања кој овојпат ни ја носи приказната за Злорада и она што ја повредило, направило одмаздлива и натерало на Аурора да и ја фрли клетвата на вечен сон.
„Ја обожавав Злорада како девојче“, изјавува Џоли. „Таа е една од моите омилени ликови кои Дизни ги создаде. Истовремено се плашев од неа и ја сакав.“ Токму таа слоевитост на ликот и нејзината трансформација од особа која изразува страв до особа која маѓепсува го интригираше и продуцентот Џо Рот. „Ова е филм за ликот кој го познаваме како ладна особа со камено срце. Нашата приказна дава одговор зошто?, поради што?. Сакам гледачите да почувствуваат зошто преку Злорада откриваат цел еден свет кој досега им беше непознат, една друга димензија на целата приказна. Се надевам дека со себе ќе ја понесат пораката дека секој со своите дела може да се искупи, спаси и дека сите заслужуваме разбирање и опростување“, изјавува Рот.
Филмот го режираше двократниот добитник на наградата Оскар, Роберт Стромберг („Аватар“, „Алиса во земјата на чудата“), а како продуцент се јавува Џо Рот. Зад сценариото се потпишува Линда Вулвертон („Кралот на лавовите“, „Убавицата и ѕверот“).
На дизниевата приказна работеше и тимот на македонската компанија за визуелни ефекти ФХ3Х. За Кристијан Даниловски, ко-сопственик и извршен продуцент на проектот, ова е само продолжение на одличната и долгогодишна соработка со MPC Technicolor и е дефинитивно многу интересен проект. „Се работеше на 9 минути од филмот од страна на 30 артисти во периодот од ноември 2013 до февруари 2014 и се изработија 104 кадри, што само укажува на големината на проектот“ изјави Даниловски.
Овој четврток пристига и комедијата „Најлоша ноќ во животот“ со Елизабет Бенкс во главната улога.
Меган Мајлс (Бенкс) има тежок ден. Многу тежок ден. Бидејќи не успеа да ja помине аудицијатa за работата од својот сон, ТВ водителката од Лос Анџелес одлучува да излезе и да има луда ноќ. Следниот ден, таа се буди во кревет покрај непознат човек и добива порака дека ќе ја примат на работа доколку може да пристигне во ТВ станицата пред почетокот на шоуто, кое оди во живо. Изгубена во непознат дел на градот, без пари, телефон и автомобил, Меган се движи во провокативен жолт фустан во непријатна авантура. Прашањето е, како ќе заврши најлошата ноќ од нејзиниот живот.