„Годишни времиња“ прв роман на Јулијана Величковска

Јулијана Величковска  на македонската публика досега и’ беше позната како поет, а „Годишни времиња“ е нејзино прозно првенче.

godisni_vreminja_julijana_velickovska

Во издание на „ПНВ Публикации” од Скопје од печат излезе романот „Годишни времиња” од Јулијана Величковска.

Поетот и критичар, Душко Крстевски, во својот осврт кон првенчето на Величковска напиша: „Романот ме асоцира на албумот ’Тен‘ од групата ’Прл џем‘ (Pearl Jam). Сличноста не е од некаква тематска поврзаност, туку од самиот факт дека нејзиниот прв роман како и првиот албум на групата е едно одлично склопено и со хируршко-писателска прецизност создадено дело. Прво, а совршено зрело. Краток роман за животот, краток роман за едно возење со автобус, кое одмотува слики од друго време“, смета Крстевски.

Јулијана Величковска е родена 1982г. во Скопје. Дипломирала на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на две книги: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ) и поетската збирка „Комарци“(2010, ПНВ). Пишува поезија, проза и преведува. Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки и италијански јазик. Учествувала на бројни поетски читања низ Македонија и Европа. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија издадена во Кина.

You May Also Like