Симпозиумот синоќа во Менада беше отворен со презентацијата „Развој на кураторството и посредувањето во современата уметност“ на Дороти Рихтер, кураторка, теоретичарка и раководителка на постдипломските студии по кураторство на Institute Cultural Studies, Universtiy of Fine Arts во Цирих.
Рихтер се осврна на развојот на кураторските практики и посредувачките стратегии во современата уметност преку поставување на три основни прашања во широк времски и теоретски контекст: Кои сме? (во однос на кураторството и уметничкото посредување), Од каде доаѓаме? и Каде одиме?
Сесијата ја продолжи Марко Стаменковиќ куратор и историчар на уметноста од Србија, кој живее и работи во Блегија. Тој во излагањето „Оспорените и осудените“, се осврна на концептот на “самоубиствен бомбашки напад” како на моќно присутен концепт во современиот свет, но и како на нешто со недоволно јасно значење во рамки на современиот дискурс.
Првата симпозиумска сесија ја затвори Славчо Димитров од Македонија со темата „Емоционална архива на квир искуства“ или испитување на потенцијалот кој овој вид на архивирање го има во оспорувањето на одредени хегемонистички режими на дистрибуција на видливоста и разбирање, односно-одредени режими на моќ.
Денешната втора симпозимска вечер од „Кураторски размени“ продолжува во 20:00 часот со излагањето на Башак Сенова од Турција на тема „Изгубени во меморијата“. Фокусот на излагањето е ставен на чинот на продуцирање уметнички проекти кои ја реобновуваат и градат меморијата на одредени места кои и онака се обременети од меморија и контрола.
„Евреите од Македонија и холокаустот“ е меѓународен истражувачки проект реализиран од страна на Институтот за општествени и хуманистички науки “Евро-Балкан”, во 2010-11 и поддржан од страна на Education, Audiovisual and Culture Executive Agency (Брисел), а на вечерашната сесија ќе го претстави Софија Грандаковска.
Утревечер на третат симпозиумска вечер ќе говорат Сузана Милевска од Македонија и Антониа Мајача од Хрватска/Англија.