Претставата „Његош и Јас“ на Црногорскиот народен театар на програмата на фестивалот „Охридско лето“ …
Драмската програма на годинешното издание на „Охридско лето“ продолжува со претставата „Његош и Јас“, авторскиот проект на Паоло Маџели, во продукција на Црногорскиот народен театар од Подгорица. Станува збор за обид на режисерот Маџели посвторно да испише дел од историјата, смешно и невино, истовремено интелектуално и храбро да се побара „изгубеното време“.
Маџели на денешната прес-конференција истакна дека претставата е реализација на идеја изродена пред 30-тина години, да се сработи претстава врз основа на „Луча микрокозма“ на Петар Петровиќ-Његош.
– Тоа е своевидно патување низ Црна Гора во која се споредуваат некои мои сегашни и тогашни политички чувства во некој дијалектички однос, во еден свет кој за мене неправедно е променет. Сите ние многу малку водиме сметка за вчера, а со тоа го губиме утре, истакна Маџели, истовремено нагласувајќи дека не се работи за некаква носталгија или претензии за некаква реконструкција на настани.
Директорот на Театарот од Подгорица Јанко Љумовиќ изрази задоволство што куќата има можност после подолг временски период да биде дел на „Охридско лето“. За претставата појасни дека е работена наменски по повод 200-годишината од раѓањето на Његош.
Музиката за претставата е на охриѓанецот Љупчо Константинов, благодарение на интензивната негова соработка со Маџели, реализирана низ голем број проекти во периодот од 1984 година до денес.
„Његош и Јас“ вечерва за првпат ќе се игра надвор од Црна Гора, на амбиенталната сцена во Заливот на коските, во Градиште, со почеток од 21 часот.