Министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска денеска (недела, 28 август 2011 година) во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид оствари билатерална средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, која е во дводневна официјална посета на Република Македонија, по повод јубилејното, 50-то по ред, издание на манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
Канческа-Милевска во изјавата за медиумите и посака срдечно добредојде на г-ѓата Бокова, која за прв пат престојува во Република Македонија по нејзиниот избор на оваа функција и тоа токму во Охрид, градот на УНЕСКО и и се заблагодари на нејзиното присуство на јубилејното издание на престижната поетска манифестација.
-Сакам да го истакнам фактот дека Република Македонија има одлична соработка со УНЕСКО. Од особено значење е што минатата година, оваа меѓународна организација ги стави на листата на јубилеи на интернацоналниот календар, одбележувањата на: 100 години од раѓањето на Мајка Тереза и 50-годишниот јубилеј на Струшките вечери на поезијата, истакна Канческа-Милевска.
Во изјавата за медиумите, министерката за култура подвлече дека поддршката на УНЕСКО е потенцирана и во реализацијата на првата и втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог кои се одржаа во 2007 и 2010 година во Охрид, а од особено значење е и фактот што во 2013 кога се предвидува да се одржи третата конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, се одбележува и 10 години од првиот регионален самит на шефови на држави кој во одржа во Охрид, 2003 година на иницијатива на трагично починатиот претседател Борис Трајковски. Република Македонија и Министерството за култура Третата конференција ќе ја посветат и на овој јубилеј и во таа насока се очекува и понатамошната поддршка од страна на УНЕСКО.
За време на билатералната средба, министерката за култура се заблагодари за помошта што ја даде УНЕСКО и Регионалното биро во Венеција, како и италијанската Влада за работењето на Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство кој имавме задоволство и чест да го отвориме во присуство на поранешниот генералниот директор на УНЕСКО, г. Мацура во 2008 година.
На средбата со високиот претставник на УНЕСКО, Канческа-Милевска информираше за реализацијата на значајните активности во врска со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, за изготвениот План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, за донесувањето на Законот за управување со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, како и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Исто така, Канческа-Милевска подвлече дека до Центарот на УНЕСКО за светско наследство, поднесена е и позитивно потврдена номинацијата на архео-астрономскиот локалитет „Кокино“ за впишување во листата на УНЕСКО за светско културно наследство. Апликацијата е предадена на евалуација на меѓународната организација ИКОМОС која треба да реализира мисија во Република Македонија во септември годинава.
Исто така, од особено значење е и фактот што во 2011 година Република Македонија поднесе три апликации за номинирање за впишување во Репрезентативната листа за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО и тоа за: „Гласоечко“ – двогласно машко пеење во долни Полог, „Четрсе“-празнување на свети четириесет маченици во Штип и „Копачката“-машко согорско оро од село Драмче, Пијанец.
Канческа-Милевска информираше дека Република Македонија се кандидираше за член на Извршниот одбор, највисокиот орган на УНЕСКО, за што се очекува позитивен одговор за нашата кандидатура на 36-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, кое наскоро ќе се одржи во Париз, Франција.
На крајот, министерката за култура потенцираше дека Република Македонија високо ја почитува и цени помошта на УНЕСКО и личниот ангажман на генералниот директор во реализацијата на нашите иницијативи што даваат стимул за уште поголема наша активност во рамките на оваа Организацијата.