Велосипедско дефиле низ Скопје

Неколку илјади граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот денеска (22 септември 2014 година) учествуваа во големото дефиле на велосипеди што по градските улици се возеше по повод Денот без автомобили и Европската недела на мобилност. Дефилето го предводеа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заменик-министерот за животна средина, Стево Темелковски и заменик–амбасадорот на Европската унија во нашата земја, Роберт Лидл.

velosipedsko_defile_2014_1

 

Велосипедистите тргнаа од плоштадот „Пела“, возеа по улицата Димитрие Чуповски и булеварите ВМРО и Партизански одреди, за потоа по булеварот Илинден да стигнат до целта на школката во Градскиот парк, каде што се одржа забавен еко-хепенинг.

– Во изминативе седум дена Скопје живееше во ритамот на случувањата од Европската недела на мобилност – глобалната кампања за промоција на одржливите видови транспорт. Организиравме многубројни презентации, работилници и едукативни предавања, натпревари во вешто возење велосипед, претставување на електромобилноста… Денешната манифестација е круна на активностите од Европската недела на мобилност зашто овозможува и наш личен придонес во целта на оваа глобална кампања – што повеќе да го користиме велосипедот при нашето движење низ градот и при извршувањето на секојдневните обврски. Велосипедот е идеално превозно средство, не ја загадува животната средина, не создава бучава и не го зазема животниот простор на граѓаните. Градот Скопје континуирано работи на подобрување на велосипедските патеки во градот за да овозможи подобри услови за движење на велосипедистите. Сакам да ги поканам моите сограѓани да возат велоисипед и да придонесат за поздрава и почиста животна средина. Сакам да им се заблагодарам на компаниите што ја поддржаа оваа кампања на Градот Скопје и донираа велосипеди за најсреќните учесници во ова дефиле – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Задоволство од масовноста на денешниот Ден без автомобили изразија и заменик-министерот Темелковски и заменик-амбасадорот Лидл кои нагласија дека активностите за подигнување на јавната свест за користење алтернативен превоз даваат позитивни резултати.

На еко-хепенингот пред Школката во Градскиот парк настапи „Смет-бендот“ од СУГС „Никола Карев“, а 20 најсреќни учесници во велосипедското дефиле добија велосипеди, донација од Градот Скопје, МЖСПП, Цементарница „Усје“, РЖ Институт и ONE.

Денот без автомобили е последниот ден од Европската недела на мобилност што годинава низ Европа се одржува под мотото „Нашите улици – наш избор“. Денешното дефиле на велосипеди го организираа Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Европската унија во Република Македонија.

Целта на оваа манифестација е да им се пренесе порака на граѓаните дека со својот избор на начинот на движење – користење велосипеди, јавен превоз и пешачење – можат активно да придонесат за подобрување на квалитетот на живеење, намалување на урбаното загадување и за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух.

velosipedsko_defile_2014_2

You May Also Like