Бриселското сефардско списание „Лос муестрос“ ќе ја дообјави целата книга на Томислав Османли

До крајот на следната година, во секој од своите следни броеви, меѓународното списание од Брисел (Белгија),  кое се дистрибуира ширум светот, ќе ги објавува преостанатите три опсежни прозни текста, новелите од книгата „Светилка за Ханука“ на македонскиот автор, Томислав Османли.

Деновиве македонскиот писател Томислав Османли ја прифати понудата на списанието „Лос Муестрос“ во повеќе наредни броеви на ова интернационално списание со редакција лоцирана во белгиската и европската престолнина, да бидат дообјавени англиските преводи на текстовите од неговата книга раскази и новели на еврејски теми „Светилка за Ханука“. Договорот со редакцијата на списанието кое се занимава со негување на културата, историјата и литературата врзана за еврејските Сефарди ширум светот, покрај до сега објавените шест раскази на нашиот писател, инаку своевиден преседан и во искуството на ова списание, опфаќа објавување во продолженија на трите последни, но и најобемни текстови од книгата на Османли. Така, новелата насловена „Свадбата во Дорќол“, приказна за драмата на белградските Евреи, ќе биде објавена како во претстојниот 87-ми, така и во наредниот, 88-ми број на списанието „Лос Муестрос“ кој треба да се појави во септември.

Освен овој текст договорот го опфаќа објавувањето и на наредните два прозни текста: новелите „Праведници“ за судбината на севкупната еврејска заедница на јонскиот остров Закинт, единствената колективна приказна со среќен исход во историската трагедија на холокустот над Евреите; и најопсежниот текст на книгата, новелата „Смртта на Ерусалим“ која претставува историски прецизна, книжевно доловена реконструкција на најголемата трагедија во историјата на Евреите Сефарди, страдањето на над педесет и пет илјади солунски Евреи во текот на Втората светска војна– која ќе биде објавена во три последователни броеви, до крајот на 2013 година. Инаку, до дега беа објавени расказите кои се однесуваа на животот и на страдањето на скопските, штипските и битолските Евреи.

Овој зафат на списанието последователно да ја објави комплетната книга на македонскиот автор, претставува мериторно надворешно признание за книжевниот квалитет на содржина на македонската објава „Светилка за Ханука“, посветена на јудео – балканските теми и историски драми. Своите мотиви за дообјавување на целата кнуига на нашиот писател, авторот и уредник на списанието г. Моисе Рахмани, во својот допис го објасни на следниот начин:

– „Книгата на Томислав Османли „Светилка за Ханука“ претставува нова свеќа додадена во тој исклучителен свеќник. Ова дело трага по еврејскиот живот, со неговите мигови на радост и со миговите на тага. Авторот не поканува на откривање на историјата на таа заедница, со надежта како нејзина позадина (…) Авторовата нарација е огнена, неговиот стил запалив. Зборовите бележат слики во кои читателот навлегува и учествува. Томислав Османли восхитувачки ги доловува ситуациите, ликовите. Кога еднаш се отвора, оваа книга повеќе не се напушта. Таа светлина не осветлува, не просветлува и не тера и ние да се ја зрачиме.“

Понудата за дообјавување на целата книга на македонскиот писател, доаѓа по неодамнешното, инаку повторено публикување на наградениот расказ „Сликата на тетка Рашела“. Имено, за прв пат таа проза беше објавена на англиски јазик во 2008 година, а одново, според редакциската одлука, и во најновиот, мартовски број од 2012 на „Лос Муестрос“, во превод на Ладино, јазикот на сефардските Евреи кон кои во најголем дел е свртено ова списание.

You May Also Like