Активности за одбележување на 13 Ноември

Денеска 13 Ноември 2012 година (вторник), по повод денот на ослободувањето на Скопје, во 9 часот, во Кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје, градоначалникот Коце Трајановски, ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна  на Македонија.

Град Скопје
Град Скопје

Во текот на денот од 9-17 часот во Домот на армијата на РМ, ќе биде организрана традиционалната крводарителска акција на Црвен крст на Град Скопје.

Еден час подоцна, во 10 часот, Делегација на Град Скопје, ќе положи цвеќиња пред споменикот на ослободителите на Град Скопје и во 10:30 часот, пред споменикот на генерал Михајло Апостолски, на Партизанските гробишта „Бутел“.

Од 10 до 13 часот, во Клубот на Здружението на пензионери „Солидарност“, што се наоѓа во населбата  Аеродром, утре, ќе се одржува Традиционалниот шаховски турнир на пензионерите на град Скопје.

Во 11:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на Платото  пред Владата на Република Македонија, Високи државни делегации, борците од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, претставници на општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат  цвеќиња.

Настаните за чествување на денот на ослободување на Скопје 13 Ноември ќе продолжат вечерта, во 18:30 часот, во Фоајето на Македонската опера и балет, со отворањето на традиционалната изложба на уметничките дела создавани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2012“, што секоја година се одржува во Хотелот „Арка“ во Старата скопска чаршија.

Веднаш по отворањето на изложбата во МОБ, на добитниците на Наградата 13 Ноември на Град Скопје за 2012 година, свечено ќе им бидат врачени  признанијата.  На годинешните добитници на највисокото признание што го доделува Град Скопје, наградите, ќе им ги врачи градоначалникот Трајановски.

Во рамки на централната манифестација по повод одбележување на денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, во 20 часот , во МОБ, ќе биде изведена, возобновената оперската претстава „Лидија од Македонија“, чиј што композитор е Ристо Аврамовски, а под диригенстко водство на гостинот од Италија, диригентот Алесандро Д ҅ Агостини. Операта е во 2 дела, автори на либрето се Ги Шелеи и Дора Петрова од Франција, препевот го направија Лилјана и Јордан Плевнеш, а режисер на претставата е Пламен Карталов  од Република Бугарија. Праизведбата на ова опера беше на 09.05.2005 година на сцената на МОБ, а во утрешната оперска претстава солисти ќе бидат: Весна Гиновска – Илкова, Игор Дурловски, Горан Начевски, Ѓорѓи Цуцковски; Ернес Ибраимовски, Ана Ројдева – Талевска, Олгица Милевска, Марика Поповиќ, Катерина Бошковска, Игор Гиновски, Димитар Кожухаров, Дејан Стоев, Зоран Даскаловски, Кристијан Антовски, Викторија Јанкуловска и Драган Ампов.

You May Also Like