На неодамна одржаниот Републички оркестарски натпревар во Велес, хармоникашите од ДУРДМОВ (Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“- Скопје) го освоија првото место со вкупно 100 бода.
Еден од „главните виновници“ за успехот на младите музичари е нивниот прфесор по хармоника Бобан Спасенцовски, кој вели дека работи со многу талентирани деца кои секогаш сакаат да добијат нови знаења.
Спасенцовски е дипломиран хармоникаш на академијата за музичка уметност во Скопје. Веќе 10 години работи како професор по хармоника со деца со оштетен вид токму во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“. Ова е втора успешна генерација на професорот со која тој напорно работи и заедно планираат уште многу успеси.
Како се одвива наставата по хармоника и кој е клучот за многубројните успеси и награди што ги освојувате?
– Наставата се одвива индивидуално професор -ученик се до моментот кога треба да се проба и работи групно, како бенд хармоники. За тоа треба многу голема дисциплина и внимание. Често правиме мали паузи кои ги користиме за да се одмориме, пошегуваме, насмееме, па дури и налутиме, но сето тоа води до успех. Всушност тоа е и формулата за нашиот заеднички успех.
Каков вид музика слушаат овие музичари надвор од часовите?
– Ја свират и слушаат класичната музика, но како и сите останати ја сакаат и македонската народна музика и песна,можеби затоа и го избрале да го свират инструментот хармоника кој е многу застапен во нашата музика.
Членовите на составот ДУРДМОВ (бенд хармоники) се: Денис Димитров, Самир Халим, Блаже Зафиров, Стефанија Петрова, Филип Арсов. Секој од нив освен хармоника свири и на уште неколку инструменти. За cooltura.mk професор Спасенцовски во неколку реченици гордо ги претставува и биографиите на своите деца (како што тој ги нарекува):
Денис Димитров е 1 година и свири на хармоника, синтисајзер и пијано. Само оваа година Денис настапуваше (соло хармоника и со бендот хармоники) на повеќе манифестации: „Фестивал на млади хармоникаши на Република Македонија“, „Јас сум талент во моето училиште (Финале)“, Учество на патрониот празник на училиштето, Хуманитарен концерт на Есма Реџепова, како и на Републичкиот натпревар на детски и младински оркестри на Република Македонија во Велес, од каде заедно со своите другари се вратија како победници.
Самир Халим е супер талентирано дете. Освен хармоника свири и на клавинова и кларинет. Тој е 4 година во нижото музичко училиште ДУРДМОВ и е најголем во бендот. Самир сака да свири македонски песни, ора и чочеции, но на неговиот репертоарот се и класичните дела како: Бумбаров лет, Турски Марш, па дури и музиката од познатата компјутерска игра Супер Марио.
Блаже Зафиров е 3 година во нижото музичко училиште. Тој е член од бендот со најмногу настапи и награди. Поседува талент за секој инструмент и се’ го интересира. Блаже свири хармоника,кларинет и по малку гитара.Во 2012 има освоено второ место хармоника на натпреварот Охридски бисери, во 2013 исто второ место со хармоника на четвртиот државен натпревар на млади музичари во Скопје. Има учествувано на многу приредби и на концертот на младите хармоникаши со естрадните уметници на кој свиреше две македонски песни заедно со Александар Белов и бендот хармоникаши.
Стефанија Петрова е исто така мултиталент. Таа е 3 година во нижото музичко училиште ДУРДМОВ и е единственото девојче во бендот Хармоникаши. Стефанија освен што свири хармоника, одлично пее и е вистински пример за сите девојчиња. Таа исто така учествувала на Хуманитарниот концерт на Есма Реџепова, потоа во Домот на АРМ по повод денот на белиот стап, како и во финалето на „Јас сум талент во моето училиште“.
Филип Арсов е вистински пример за упорен, трудољубив и вреден музичар. Тој е 1 година во нижото музичко училиште. Учеството на Републичкиот натпревар во Велес беше негов прв поголем настап, но тој со својата музикалност исто така придонесе во освојувањето на првата награда.
Би го споменале и Кристијан Лазарев кој исто така беше во класата на проф.Спасенцовски, а на Државниот натпревар за хармоника во Скопје освои трета награда.
Александра Јуруковска