Битола најпрестижна дестинација на Балканот за културно наследство

На саемот во Лугано (Швајцарија) градот Битола е прогласен за најпрестижна дестинација на Балканот за културно наследство и фестивалски програми.

На интернационалниот саем за туризам и култура кој годинава се одржа по десетти пат, општина Битола ја доби наградата: Најпрестижна дестинација на Балканот за културно наследство и фестивалски програми во категоријата дестинации од културата.

Битола е единствениот и награден претставник на Репулика Македонија, кој ја претставуваше нашата држава на саемот во Лугано, Швајцарија на кој беа претставени 250 изложувачи од 3 континенти, а беа доделени 7 награди.

На повик на селекциониот комитет, општина Битола изврши претставување на својата програма, а после извршената анализа, комитетот разгледувајќи ја работата на општината и односот кон културата одлучи да ја повика општина Битола да се претстави на посебен штанд на 10 – тиот интернационален саем во Лугано, Швајцарија, по што оваа престижна награда, вчера вечер (сабота, 17 ноември) во 22:00 часот на посебна свеченост му беше врачена на Градоначалникот Владимир Талески.

Општина Битола ваква награда добива по втор пат. Имено, во 2009 та година, во конкуренција од над 300 градови низ светот учесници, Битола ја доби наградата за најавангардна дестинација.

You May Also Like