Битола го одбележа денот на заштитникот на градот – Свети Нектариј Битолски

Битола го одбележа денот на заштитникот на градот – Преподобен Свети Нектариј Битолски. Изминатите три дена се случија следниве активности:

Петок: Прием на најуспешните на светскиот кик бокс натпревар

Сабота: Битолските занаети и Мултимедијален проект: Молитва за Битола- мултимедијален проект во кој се испреплетуваат театарот, музиката, видеото и визуелната уметност.

Недела: Света Божествена литургија и литија со моштите на Агатангел Битолски.

Со голем број активности Битола го одбележа денот на својот заштитник Преподобен Свети Нектариј Битолски. Активностите започнаа на 16 ти декември кога Градоначалникот Владимир Талески достојно го одбележа успехот на врвните спортисти од кик бокс клубот Самурај од Битола, кои во октомври годинава на светскиот натпревар во кик бокс постигнаа врвни резултати.  На натпреварот учествуваа 68 земји со над 800 учесници, борачи од светот.

Гордана Цветковска Бошевска го освои второто место, а Стефка Јанкоска третото место, со што кик бокс клубот Самурај даде свој придонес во развојот на  спортот во Македонија.  Овие успешни спортисти кои неодамна беа примени од претседателот и премиерот, од Градоначалникот Талески добија пофалници за особен придонес во развојот на спортот во Битола.

Задоволството на овие спортисти беше големо:

„Гордана Цветковска Бошевска стана вицешампион на светот и е номинирана за национален спортист на годината, се надеваме дека и таму ќе имаме успех и Стефка Велковска го освои третото место  на ова светско натпреварување, изјави Тони Бошевски од кик бокс клубот Самурај од Битола.

„И навистина голема чест и задоволство е ние сите како религиозни луѓе што ги добивме овие признанија на овој ден и се надевам Свети Нектариј ќе не штити сите нас и Градот Битола, изјави Гордана Цветковска Бошевска.

„Чувство  во кое осеќаш дека се зависи од тебе дека во тој момент или Македонија ќе биде на пиедестал или нема да биде.  Тоа е момент кога се бориш за Македонија и за самиот себе, рече Стефка Јанковска.

„Молитва за Битола“ беше насловена свечената академија која во очи големиот празник се одржа во Центарот за култура.  Оваа саботна вечер во 17:00 часот битолските занаетчии на штандови ги поставија делата – производ на своите занаети.  Во 18:00 часот започна свечената академија на која свое обраќање имаа Градоначалникот Владимир Талески и Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Господин Петар.

Покрај црковните активности и бесплатната трпеза која ја организира Општината, оваа година преку уметничка програма жителите на Битола се едуцираа за причините поради кои се празнува овој ден, а имаа  можност и да научат повеќе за тоа кој бил Свети Нектариј Битолски.

Мултимедијалниот проект и активностите по повод одбележувањето на Свети Нектариј Битолски се под покровителство на Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески, а истите потврдуваат дека Битола, како и многу градови низ светот (Св. Дује-град Сплит, Св.Влахо – град Дубровник, Св Николас – град Епинал, Св.Ерик – град Стокхолм, Св.Пол – град Лондон,Св.Џовани Батиста – град Фиренца и други), на достоен начин го одбележува делото на локалните светци кои дел од својот живот го поминале во градот чиј заштитници се денес.

„Неколку години после одлуката на Советот на Општина Битола, кога Свети Нектариј е прогласен за заштитник на градот и официјално и сите овие години се обидуваме на различни начини со различни форми да го прославуваме денот.  Мислам дека секоја година тоа е различно и така ќе биде се додека некои од содржините неземат свој тек, се додека некои од нив не станат традиција.  Оваа година во текот на вчерашниот ден јас едни од највредните во спортот, ги примив на еден разговор, во чест на Големиот Свети Нектариј кој што како заштитник им дава дополнителна енергија и сила да успеат во своите намери и цели и да ни ги донесат најголемите победи.

Во таа смисла овој заштитник, кој е заштитник на народот, на плодноста, на бракот, на здравјето на нашите граѓани, на среќата… мислам дека на еден многу интересен духовен начин, кај сите нас предизвикува дополнителна енергија и сила.  И мислам дека духовниот момент кај секој наш граѓанин е многу значаен.  Во таа смисла и денеска имаме повеќе активности, заедно со локалната занаетчиска комора овозможивме бесплатно презентирање на сето она што го прават тие.  Оваа мултимедијална презентација има културен и едукативен карактер-кој бил Свети Нектариј, во кое време живеел, зошто токму тој е заштитникот на Битола итн“, изјави Владимир Талески, Градоначалник на Битола.

Одбележувањето кое ја покажува сплотеноста на Црквата и управата на градовите секогаш е во интерес на верниците и граѓаните.

,,Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос, си го осветлил карејскиот скит, те воспита градот Битола, оче наш Нектарие.  Просветли ги сите што со љубов те чествуваат и непрестано моли се за сите нас”. (Како основа на прославата е Житието на Св.Нектариј Битолски како и деловите од неговата служба , поткрепени со битолските хорови Св.Нектариј и Бутелион кои изведуваат црковна музика)

Публиката на самиот влез ја пречека црковна музика и житието на Св.Нектариј Битолски кои се наоѓаат на ЦД-то кое беше  промовирано оваа вечер. Централната прослава е мултимедијален проект во кој се испреплетуваат, театарот, музиката, видеото и визуелната уметност.

Присутните имаа можност да слушнат делови од житието на Св. Нектариј Битолски напишано од Монах Павле од Лавра, сето тоа поткрепено со црковна музика изведена  во живо од страна на машкиот, женскиот и детскиот хор Св.Нектариј како и современиот Битолски хор Бутелион кој долго време ја негува духовната музика.  Помеѓу настапите на четирите хорови како кратки проекции беа прикажани делови од црковни мотиви снимани во Битолските цркви монтирани со документарен материјал од минатогодишните чествувања на Св.Нектариј Битолски, заштитникот на градот.

Материјалот кој е дел од снименото ЦД беше промотивно поделен на присутните.  Целта е со присуството во домовите на верниците да придонесе кон што поблиско запознавање со животот и делото на заштитникот на Градот Битола.

Во недела наутро во Црквата Свети Великомаченик Димитриј со почеток во 8:00 часот се одржа света божествена литургија, а веднаш потоа и литија –  носење на моштите на Свети Агатангел Битолски низ улиците на централното градско подрачје, по што поворката повторно се враќа во црквата.

Преподобниот Нектариј Битолски починал во 1500 година.  Неговите мошти се наоѓаат на Света Гора.

You May Also Like