Билјана Кајевиќ изложува во Чифте амам

Вечерва (петок, 11 мај 2012 година), со почеток во 20:30 часот во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори изложба на слики и цртежи на Билјана Кајевиќ.


Кајевиќ следејќи го пред се личниот сензибилитет, низ призмата на духовното и емотивното, со посветеност и сконцентрираност наметнува и разработува комплексни ликовни проблеми, со чија помош ги гради своите дела (слики, цртежи и објекти) длабоко втемелени во еден непрекинат процес на лична интроспекција.

Станува збор за творештво кое што, метафорично во своето емотивно спознание, следејќи ја играта на евокативното, таинственото и магичното, во својата суштина се доближува и истовремено доминантно се определува како своевидно, би рекле, поетско искуство.

Следејќи го пред се личниот сензибилитет, без однапред третиран концепт и афирмирана идеја, оформува еден ликовен израз со широк дијапазон на ликовни и стилски определби што многу евидентно претставуваат своевидна евокација или “цитати од меморијата на светската историја на уметноста”. Притоа, сосема спонтано, со извонредна, занаетска, би рекле, леснотија и умешност, балансира во односот меѓу фигуративното и апстрактниот набој чинејќи софистицирани претопи како своевидна игра меѓу јавето и сонот, меѓу светлото и сенката.

Нејзините масла се населени со колку реалистични, многу повеќе фантастични и истовремено длабоко експресивни ликови и фигури кои што со својата блага еротизираност или нагласена меланхоличност создаваат флуид на извесна мистичност, таинственост, недопирливост и не вовлекуваат во светот на фантастичното или во светот на симболичното.

Автор на изложбата е кустот Маја Неделковска-Брзанова. Истата ќе може да проследите до крајот на месец мај.

________________________________________

 

Кајевиќ дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класата на Рубенс Корубин во 1994 година. По дипломирањето, работи дизајн на поштенски марки и разгледници за одделот за филателија во „Пошти на Македонија“ (марката од серијата Олимписки игри во Атланта се најде во најтесниот избор на 14 марки од 60 земји во светот за наградата „Олимпија“ во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписка филателија).

Во периодот од 1999 до 2008 година работи како графички дизајнер, а се занимава и со дигитална фотографија и компјутерска манипулација. Кајевиќ е и дел од тимот за внатрешно уредување на новиот Музеј на македонската борба за државност и самостојност. Освен декоративните елементи, кои се составен дел на ентериерското решение, автор е на идејно-ликовното решение за витражот на централната купола.

You May Also Like