БЕСТ Скопје со летен академски курс „Онлајн Бизнис Старт – Ап“

Утре (среда, 04.07.2012 година) претставници од студентската организација БЕСТ Скопје и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – Скопје проф. д-р Димитар Трајанов, свечено ќе го отворат Меѓународниот академски курс на тема „Онлајн Бизнис Старт – Ап“ на кој ќе учествуваат 22 студенти од различни европски универзитети.

Свеченото отварање ќе се одржи во Информатичкиот амфитеатар во склоп на просториите на Природно математичкиот факултет во среда (04.07.2012) со почеток во 10:00 часот. Академскиот курс ќе започне на 4-ти јули и ќе трае се до 12-ти.

Студентската организација БЕСТ – Скопје веќе 10-та година по ред организира интернационални академски курсеви. На овие курсеви секоја година учество земаат студенти од Европа, како и исто толку македонски студенти. Предавањата се одржуваат на англиски јазик од страна на врвни професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Оваа година овој настан е поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – Скопје.

Покрај поддршката од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), настанот е целосно организиран од студентската организација БЕСТ Скопје. Сите настани кои ги организира БЕСТ Скопје се целосно бесплатни за сите студенти, странски или домашни и секогаш се стреми кон обезбедување на бесплатно комплементарно образование за студентите.

—————————————————————————

БЕСТ Скопје е дел од интернационалната студентска организација БЕСТ (Борд на Европски Студенти по Технологија) која е неполитичка и непрофитна студентска организација која нуди можности за учење и личен развој и напредок за идните инженери. БЕСТ е присутен на 93 технички универзитети во 32 Европски земји и е достапен за преку милион студенти.

БЕСТ го промовира Европскиот дух и ја охрабрува комуникацијата и работата во мултикултурна средина преку настаните кои ги организираме – академски курсеви, инженерски натпревари, едукативни симпозиуми, саеми за вработување, како и многу тренинзи и работилници за неформално образование. Главен организатор на истиот Никола Ставревски.

You May Also Like