Промовирана нова трим патека на Водно

Вчера (сабота, 6 октомври, 2012 година) на Водно беше промовирана новата рекреативна трим патека.

Град Скопје заедно со екипите на ЈП “Улици и патишта” и ЈП “Паркови и зеленило” ја реконструираше и ја прошири постоечката трим – патека од Средно Водно до локалитетот Марково Крувче.

По должината на патеката поставени се 4 трим станици, а на секоја од нив има по четири фитнес реквизити, изработени од дрво. На патеката е нанесен 10 см слој од тампон (вкупно 580 кубици), а врз него е ставена 3 до 5 см бела ризла.

Низ целата должина на трим патеката, направени се 8 прекопи каде што се поставени 8 армирано бетонски цевки ф/40 и 8 сливници за собирање и одведување на атмосверската вода.

Поставени се 4 заштитни огради, 3 нови дрвени маси со клупи за седење и 10 нови корпи за отпадоци.

Овие нови спортско-рекреативни содржини, поради добрата конфигурација на теренот, можат да ги користат деца, младинци, рекреативци, спортисти и  пензионери. Покрај трим патеката поставени се и 6 информативни табли коишто ги содржат сите неопходни информации поврзани со надморска височина, одалеченоста на секоја од трим станиците од почетокот до крајот на патеката, примери со вежбите што можат да се изведуваат на спортските реквизити и сл.

Оваа должина од трим патеката е реализација на првата фаза, додека втората фаза, од Марково Крувче до населбата Припор, ќе биде завршена до  средината на 2013 година.

Инвеститор на проектот е Градот Скопје, а за реконструкцијата на патеката од буџетот се издвоени околу 3 милиони денари.
Изведувачи се екипи на ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“, а сите стручни содржини напишани на информативните табли се во координација со Факултетот за физичка култура на Република Македонија, а поддршка даде и Агенцијата за млади и спорт.

You May Also Like