Анета Ивановска-Симјановска изложува во Мала станица

Утре вечер (четврток, 15 ноември 2012) во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата на Анета Ивановска-Симјановска.

„Анета Ивановска-Симјановска слика енергично со последниот нерв од својата душа. Нејзините слики изобилуваат со драматика, динамичност и импулсивност преточени во специфичен ликовен ракопис што влијае врз емотивниот сензибилитет кај посматрачот будејќи ги рационалните сомнежи и претпоставки. Нејзините дела носат поплава од сензибилни асоцијации што дејствуваат мошне силно создавајќи патокази кон основната идеја на авторката. Сликите пулсираат полни со див ритам и енергија, одушевуваат со бесконечни креативни замисли исполнети со многубројни детали на величествената нефигуративност.

Пејзажите се само асоцијативно допрени, повеќе замислени отколку што се претставени. Во нив се пренесени најмногу емоциите со кои се доживеани. Тоа го постигнува со ликовните елементи, првенствено со колоритот што најдобро го одразува уметничкиот сензибилитет. И кога црта, таа го користи колоритот со цел да информира за нејзиното сопствено доживување на природата, за нејзиното моментално расположение, за нејзиниот поетски експресивен занес. Сликите се нејзини лични изјави во кои со видливиот потег на четката забележува траги од сопствената меморија и акција.“ , се вели во најавата за изложбата.

Самата изложба открива млад автор што и останува верен на сликарската традиција пробивајќи се до апстрактно-асоцијативните, ликовно-филозофските толкувања на новиот пејзаж во ликовната уметност во Македонија.

You May Also Like