Публиката во домашните кина ќе има можност од 27 февруари да ужива во филмот “Амазонија 3D”- возбудливата одисеја која се одвива во најголемата прашума на светот.
Остварувањето на Тиери Рагобер (Thierry Ragobert) е најголемиот филм кој воопшто е снимен во Амазон со буџет од 10 милиони долари и екипа од околу 180 професионалци од целиот свет кои работеле на него.
Филмот „Амазонија 3D“ е сниман во бразилско-француска продукција. Биле потребни дури 7 години за познатиот француски режисер Тиери Рагобер да дојде до финалната верзија. Рагобер и неговиот тим поминале две години само подготвувајќи се за снимањето на ова остварување во густите амазонски шуми, соработувајќи со биолози и научни експерти. Целта на филмската екипа била да ја согледаат динамиката на животот во Амазонија на вистински начин за потоа верно да ја доловат секоја секвенца на филмското платно.
Дејството на филмот го следи малиот мајмун Конго кој е роден и пораснал во заробеништво. По падот на авионот Конго е сам и изгубен во џунглата на Амазонија. Неподготвен, малиот мајмун се чувствува беспомошно на изненадната слобода. Соочен со новиот свет прекриен со густа и бујна вегетација, тој мора да го пронајде својот пат и да ги заобиколи замките што му ги поставува природата.
Споредната улога во филмот ја играат околу 5000 различни животински и 40000 растителни видови, како и 2,5 милиони инсекти, сите жители на огромната и разновидна амазонска прашума.
Гледачите ќе може да го погледнат филмот на редовниот репертоар од 27 февруари.