На повеќе локации на територијата на Општина Аеродром се чистеше и собираше шут, со големо присуство на граѓаните кои се вклучија во акцијата.
Општина Аеродром се вклучи во акцијата за расчистување на отпадот и за подигање на свеста за правилно третирање на отпадот во Македонија, која се одржа во саботата (18 октомври 2014 година) на повеќе локации на нејзината територија во рамки на националната акција за чистење „Македонија без отпад 2014“.
Имено, учениците од сите основни училишта активно учествуваа во акцијата за почиста околина, така што во училиштата беа организирани повеќе активности со цел промовирање на проектот и збогатување на знаењата на учениците за почиста и поздрава животна средина. Учениците заедно со своите наставници изработија голем број ликовни и литературни творби, како и еко-пораки на тема „Македонија без отпад“, а беа поставени и пораки за одржување на училишниот двор и чување на околината.