Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј утре во Битола ќе се претстави со претставата „Борење со мечка“ од Душан Ристевски во режија на Стефо Нацу, информираат од битолскиот Центар за култура.
Гостувањето во Битола се реализира во соработка со државната Агенција за иселеништво и е составен дел на турнејата на театарот од Сиднеј низ Република Македонија. – Од денот на основањето, до денес австралиско-македонскиот театар ги подготвил и одиграл претставите „Страв и срам“, „Мр Балкан“, „Стари и весели“, „Раскол“, „Остави ја свеќата да гори“ и „Борење со мечка“ која ќе биде прикажана и на нашата сцена, изјави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола. Претставата „Борење со мечка“ од Душан Ристевски, кој е носител на повеќе австралиски награди и одличја, е драма која освен на македонски јазик, одиграна е и на англиски јазик, а во Република Македонија ќе гостува во седум општини во кои пред публиката ќе се претстават и актерите Васко Србиновски, Ирена Велјанова, Никола Апостоловски, Валентина Апостоловска, Стефани Степановска, Јаворка Котевска, Самоил Митревски, Владо Сазданов и Мена Ристевска. Австралиско-македонскиот театар е формиран во 2007 година со цел да ја промовира македонската драмска и театарска уметност и да ги обединува луѓето со македонско потекло кои се активни и креативни во драмски, сценски, театарски продукции и творештво.