21 година македонска независност

Утре (сабота, 8 септември 2012 година) Република Македонија слави 21 година од својата независност добиена по успешно спроведениот референдум во 1991 година. Над 95 отсто од граѓаните кои што излегоа на референдумот позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

 

Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Новиот Устав беше усвоен на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Монетарно државата се осамостои со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

21-годишнината од независноста на Македонија утре ќе биде одбележана со голем концерт на Гаро и браќата Тавитијан на арената „Филип Втори“. На концертот ќе настапат популарни изведувачи од некогашните ју-простори кои на македонски јазик ќе ги испеат најпознатите македонски песни дел од проектот „Македонското срце чука во 7/8’“

You May Also Like