Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска (понеделник, 04 јули 2011 година) пред Музејот на град Скопје, промовираше еден од 17 двострани рекламни паноа – тип Sity light витрини, во којшто се сместени триесеттина двострани туристички мапи.
– Во насока на промоција и подобрување на условите за престој на туристите во Скопје, Градот Скопје го реализираше и овој проект, со што на се поголемиот број странски и домашни туристи што доаѓаат во нашиот град ќе им се олесни движењето и спознавањето на оваа македонска метропола. Градот Скопје постави вакви билборди на различни локациивоп централното градско подрачје, а на нив се прикажани најзначајните места во нашиот град , што ќе помогне гостите да го запознаат Скопје од културно-историски аспект, истакна градоначалникот Трајановски.
Тродимензионалните 34 туристички мапи се изработени со печат на хартија со високи стандаради, отпорни на сонце и надворешни влијанија, односно UV заштита. За полесно ориентирање во просторот, постојат обележја на мапите, односно – црвена точка за добивање информација за местото каде се наоѓате во моментот.
Мапите се тројазични (македонски, албански и англиски) и содржат мапа на регионот со легенди и информации за важните институции и други обележја значајни за градот Скопје.