Денеска (петок, 17 јуни 2011), во просториите на Град Скопје, се одржа презентација на Предлог планот за оддржлив транспорт на Град Скопје, што е резултат на развојните мерки во рамки на проектот “CIVITAS RENAISSANCE “.
На работилницата говореа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и професор Никола Крстановски. Основната цел што се очекува да се постигне со овие мерки е да се дефинира визијата за идниот развој на оддржливиот градски транспорт што со сигурност ќе обезбеди подобри услови за живот на неговите граѓани.
Како резултат на размената на различни практики и знаења здобиени преку “CIVITAS“ програмата, ќе се добие нов план за оддржлив транспорт, во којшто ќе бидат вклучени и начините за стимулирање на јавниот превоз, но и други модели на одржлив транспорт како и подобрување на веќе постоечкиот транспортен сервис преку интегрирање на пакетот на влезни и движечки мерки.
– Патиштата се различни во остварување на овие цели, но ние заедно, преку европската мрежа CIVITAS и преку проектот РЕНЕСАНСА, разменуваме искуства и знаења со нашите партнери во проектот, правиме промоција на одржливите концепти за мобилност, се со цел развој на нова “култура на мобилност“ во нашите градови. Конкретно, Градот Скопје своите напори ги насочува кон проекти фокусирани кон енергетската ефикасност, примена на алтернативни горива, заштита на животната средина и планирање на оддржлив транспорт. Ова се мерките кои Градот Скопје ги реализира во рамки на проектот РЕНЕСАНСА, истакна градоначалникот Трајановски.
Предлог планот за оддржлив транспорт е веќе дистрибуиран до сите релевантни страни во Република Македонија како што се: централната и локалната власт, Советот на Град Скопје, Секторот за сообраќај на Град Скопје, градската полиција, компетентни професионални компании за урбанистичко планирање, сообраќајно инжинерство, архитекти, инжињери и менаџери за животна средина како и невладини организации. Претставници од сите овие сегменти присуствуваа на работилницата. Консензусот постигнат на презентацијата на Предлог планот за оддржлив транспорт би требало да обезбеди негова широка прифатеност и понатамошна успешна имплементација.
Планот за одржлив транспорт треба да овозможи повторно пронаоѓање, заштита и лиценцирање на нов транспорт од историски аспект, но и одржлив развој на локалната економија како и одредени бенефиции од странски, веќе постоечки и локални бизниси од друга страна.
Имплементацијата на Планот за оддржлив транспорт вклучува иновативни менаџерски стратегии за транспорт концентрирани кон нови подобрени механизми за сигнализирање, намалување на зависноста од употреба на приватни автомобили, фаворизирање на моделите на превозни средства кои влијаат на одржливиот развој на животната средина и унапредување на свеста за јавниот и колективен транспорт.
Како резултат на имплементацијата на сите овие мерки, Градот Скопје ќе го добие првиот ПЛАН ЗА ОДДРЖЛИВ ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ. Овој план би требало да помогне градот Скопје да ги препознае и имплементира мерките за одржлив развој што му одговараат најмногу на градот, неговите потреби но секако и најмногу на неговите карактеристики како град Метропола. Планот за оддржлив транспорт на град Скопје ќе биде првиот план од овој тип во Македонија и се очекува да биде добар пример во иницирањето на процесот на креирање на вакви планови за одржлив транспорт и во другите градови на државата.