Македонскиот акционен филм „Ова не е американски филм“ (“This Is Not an American Movie”), од утревечер, петок (25.02.2011г.), во термините 20 и 22:30 часот, ќе се прикажува во Градското кино Милениум. Филмот е во режија на Сашо Павловски, а главните улоги ги толкуваат Сенко Велинов, Игор Ангелов, Никола Ристановски и Кај Еванс.
Големиот шеф е средовечен човек, водач на банда ситни криминалци, коишто живеат од ситен криминал. Додека тој и неговата банда сонуваат за гламур, нивниот живот е исполнет со беда, пиење бесконечно многу кафињa и приказни за американските филмови. Шефот како и преостанатите членови на бандата имаат посебни филмски моќи, со коишто можат да влијаат врз филмот.
Но, шефот е на умирање. Сепак, спасителот наскоро пристигнува од Америка: една млада жена, Маја, којашто се враќа во својата татковина. Подготвена и школувана за правење филмови во Америка, таа им ги нуди своите услуги на шефот и неговата скептична банда заедно со план за голем грабеж. Нивниот план е да се преправаат дека снимаат филм со цел да добијат пристап до Американската амбасада во Скопје. И конечно, кога стигнуваат до тајната просторија во Амбасадата, којашто е седум ката под земја, ги чека непријатно изненадување.
„Ова не е американски филм“ е дебитански филм на Сашо Павловски, според драмскиот текст на Сашо Миленковски, драматургија која што Павловски во соработка со чешкиот сценарист Павеј Јех (декан на ФАМУ) ја преработија во одлично филмско сценарио. Продуцент е Дејан Илиев, директор на фотографија Дејан Димески, арт директор Игор Тошевски.
Долго очекуваниот „Ова не е американски филм“ е вистинско освежување на македонската филмска сцена и гарантирано ќе ја оправда споредбата со големите Гај Ричи и Тарантино, на чијшто стил и припаѓа. Ова е еден од „оние“ филмови чиишто реплики остануваат долго и се дел од секој разговор. Убаво е да се види како најдобрите македонски актери собрани на едно место успеваат да направат нешто забавно, авантуристично, урбано, а сепак светско.
Билетите за проекциите можат да се купат на касата на Кино Милениум, секој ден од 10:30 до 22:30 ч.