Трајановски додели садници на градските институции

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска (21.11.2010 година, недела) кај Езерцето, во првиот дел на Градскиот парк, им ги додели првите садници на претставниците на урбани и месни заедници, здравствени, културни, образовни и јавни установи, коишто се пријавија за учество во есенската акција за доделување 3 000 дрвца.

– Во текот на пролетната акција доделивме 3000 садници, или вкупно годинава 6000. До крајот на мојот мандат планираме да доделиме вкупно 30.000 садници, изјави Градоначалникот Трајановски при доделувањето на садниците.

За годинашнава есенска акција за доделување садници до Градот Скопје пристигнаа 309 барања од заинтересираните урбани и месни заедници, здравствени, културни, образовни и јавни установи. Од вкупниот број барања, куќните совети поднесоа 112 барања, урбаните и месните заедници – 67, а од установите пристигнаа – 130 барања за есенски садници.

Во оваа акција ќе се доделат 3 000 садници, листопадни и зимзелени дрвца, како и грмушки. Заинтересираните субјекти ќе може да ги подигнат садниците до 24.11.2010 година во просториите на ЈП „Паркови и зеленило“, во расадникот „Парк“.

Градот Скопје годинава за реализација на пролетното и на есенското садење издвои вкупно 2 милиона денари. Акцијата за доделување садници е традиционална и ќе продолжи и напролет.

You May Also Like