Преданија и легенди од богатата македонска ризница…
Создавањето на небото и земјата
Кога ја напраил Господ земњава, со прво била плоската. После напраил, небото и го клал на земњата згора како вршник над црепна. Кога видел, сполај му на Господ, земњава била поголема од небото. Думал, думал и издумал. Ја фатил со обете раце земњата и ја присианал од сите страни за да ја збери, за да дојдит тркалеста. Ја притиснал од едната страна, а од другата страна је го клал небото згора; дошло тамам и го остаил како што го глеаме сега над нас.
А пак сонцето месечината и ѕвездите и обесил Господ на небото, како некои кандила за некој таван. И секогаш и палат агелите, како кандиленафтите во црквата.
Земјата и рајот
Вечната била еден длабок дол, што око чоечко не можело да го догледа и преку тој дол имало мос од влакно и секој чоек, што ќе умрел, ќе поминел на влакното преку вечна и, ако е грешен чоекот, штом се качи на влакното и ќиниса по него да оди ќе се скине и ќе падни чоекот внатре во вечна, а пак ако е праведен чоек, едно ќе се вкачи на влакното, за да врви и веднаш ќе му се стори еден широк мос и трчаница ќе си помини и во рај ќе си влези.
Земјата стоела на две греди, а пак гредите стојале на два вола. Кога ќе го затресел некој вол уото ќе се затресела земјата. На волоите секоја година длаката му се менуала и се подноуала кожата и никоаш не умирале.
Зашто се затемнила Месечината
За месечината сум слушал оти грејала многу силно. Некоја жена везла на раци ли, на ѓерѓев ли, – дење видело, на вечер месечина, веќе и се додејало од работата. За да замркне зела една лепешка, та ја залепила месечината да не греје толку јасно па не грејала веќе.
Првото раѓање на веков
Жената и сите животинки женцки кога се родиле со прво сите се родиле улогаи, како што ет денеска малкото дете. Сполај му на Бога, му и зел сите малечки родени, да речеме јагнето од овцата, телето од кравата и ждребето од кобилата и друзите та и префрлил преку една ричка и и блаосоил сите на нозе да застанат и да си проодат. И од тој саат секое животинче, што се раѓа, на нозе си паѓа.
Посигна и од жената да је го земит детето да је го префрли. Арно туку жената го вчипчи со раце и неќела да му го даит. Бре, сполај му на Бога, тој тргај, таја тргај не моише да је го отми (не оти не можеше, туку сакаше сама таја да кандиса). Виде не виде, је го остаи и ја блаосои:
– Е, ај да си блаосоена, ти жено! Лели не ми го даде детето, за да ти го префрлам, како на сите животинки, ти да го гледаш од година поеќе улогао, се враце да го носиш, дури да ти проодит.
Дедо Господ и мајсторот
Кога дедо Господ шетал по земјата, стретил еден мајстор (ѕидар), к’де си идел од работа со полна пола флорини. Дедо Господ го опитал:
-Шчо носиш, синко, во полата?
Тој му не казал прао, а му одгоорил:
– Си носам љушченки, дедо, да си изгреам децата.
Тога дедо Господ, од кого шчо не можит нишчо да се скријат, го проколнал и му рекол:
– Довека, синко, љушченки да си носиш во полата!
Оттога останало та и досега мајсторите, кога навечер си идет од работата, си носеет во полата љушченки.
Зашчо немаме коса по целото тело
Кога Адам и Ева погрешиле, срам ги било да се јават пред очите на Бога. За да го избегнат погледот му, се свиле седејќи на к’лбо и си ги туриле рацете над главите. Кога ги видел Бог, им паднале косите, а каде пак не можел да ги види (на главата, под мишките, итн.) останале.
Затоа сега немаме сек’де волна.
Зашто газовите на жените се студени секогаш
Еднуш југот и северот се обложиле. Северот рекол:
– Јас све шчо је водно, можам да го замрзнам.
Југот рекол:
Јас п’к све шчо је замрзнато, можам да го одмрзнам.
– Е, ајде да се опитаме.
– Ајде.
Тогај фатил северот, вел, вел и сичко замрзнал. После југот фатил да веит и сичко да топит. Тогај на планина една баба, ко видела оту ќе се стопит сиот мраз, зела под г’с едно парче и го дочувала нестопено.
Сетне се собрале пак југот и северот и фатиле да зборвеет. Северот му велит:
– Виде како замрзнав всичко?
П’к југот му велит:
– Виде п’к ти, јас како стопив всичко?
– Е, ај да видиме.
– Ајде!
Одет и го најдвет парчето, што беше под г’зот на бабата. Тогај југот се наљутил и проколнал:
– Да дадеше Господ, никога г’зот да не ви се стоплит!
От тогај веќе г’зоите на жените биле студени.