Општина Центар ќе крене споменик на Горан Стефановски во Дебар Маало. Иницијативата за споменикот е поднесена од страна на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Советниците на Општина Центар ја усвоија иницијативата на Македонската академија на науките и уметностите за поставување спомен-обележје на драмскиот писател и член на МАНУ надвор од работниот состав, Горан Стефановски. Спомен-обележјето на Стефановски ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот ‘Идадија’“, соопштија од Општина Центар.
Постарите скопјани се сеќаваат дека на само 200 метри од ова паркче се наоѓаше семејната куќа на Горан Стефановски. Куќата на Стефановски во Дебар Маало била една од првите куќи изградени таму во втората половина од 20-те години на минатиот век, кога овој простор бил само ледина. Од оваа куќа потекнуваат и театарските режисери Ристо Стефановски (чичко на Горан) и Мирко Стефановски (татко на Горан), како и познатиот гитарист, братот на Горан, Влатко Стефановски.
Горан Стефановски почина во ноември минатата година на возраст од 66 години по кратко, но тешко боледување. Последните години од својот живот ги помина во Англија, во близина на Лондон.
Горан Стефановски е еден од најплодните и најпознати драмски автори не само во Македонија туку и пошироко во регинот. Зад него остануваат антологиските „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Дупло дно“, „Лет во место“ и многу други.
извор: Макфакс