Музејот на македонската борба денеска (вторник, 2 октомври) ќе промовира водич за музејска програма за деца/лица со аутизам и нивните семејства и семинар за музејски работници.
Водичот е дел од проектот „Отворени музеи“ чија цел е унапредување на инклузивноста, едукацијата, социјалната правда и пристапноста на музеите, а промоцијата е во рамки на Европските денови на културно наследство.
– Главна цел на проектот е промоција на културното наследство, подобрување на пристапноста на музејските содржини и иницирање иден развој на музејски програми за подобрување на инклузивноста на ранливите групи во општеството – деца со аутизам и нивните семејства, соопшти Музејот на македонската борба.
Проектот се реализира во соработка со ПОУ „Д-р Златан Сремац“ и Македонското научно здружение за аутизам, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во рамки на одбележување на 2018 – Европска година на културното наследство.