Македонски стрип-автори на натпревар во Белград

На фестивалот Салон на стрип Белград кој од 27 до 30 септември во главниот град на Србија се одржа по 16-ти пат, традиционално и годинава учество зедоа македонските стрип-автори. 

На меѓународниот натпревар, во рамки на манифестацијата, меѓу 377 учесници од целиот свет кои испраќаат вкупно 334 стрипа, застапени се и 21 автор од Македонија. Со тоа, веќе втора година по ред, Македонија е втора земја по бројот на учесници, веднаш зад домаќинот Србија.

„Чест ми е што, јас како млада авторка, учествувам на овој најпрестижен стрип-настан од регионот. Стрипот кој го испратив е базиран на реални настани, а го изработив за време на првата стрип-колонија која овој месец се одржа во Велес“, вели 14-годишната Ана Марија Стефаноска од Скопје.

И во потесниот избор за награда, односно меѓу најдобрите сто стрипа кои во „Среќна галерија“ во склоп на Студентскиот културен центар во Белград ќе бидат изложени до 12 октомври, дел се на автори од Македонија.

Станува збор за стрипот „Девојче на Месечината“ на Александар Стеванов од Штип и „Човек за сите времиња“, стрип кој по текст на српскиот сценарист Марко Стојановиќ го илустрира Михајло Димитриевски (Тхе Мичо) од Битола.

You May Also Like