Прогласени се најдобрите македонски филмски автор, актер и работник на „Златна рамка“

Првото издание на “Златна рамка” започна со обелоденувањето на овогодинешните добитници на почесни награди кои ги доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.

Филмските професионалци кои годинава ги добија почесните награди се: Жаклина Крстевска за најдобар филмски автор, Петар Мирчевски за најдобар филмски актер, Петар Богоевски за најдобар филмски работник, додека постхумна почесна Златна рамка доби Томе Молдовски – Мољац.

Овие награди секоја година ќе се доделуваат за да се одаде почит на филмските професионалци кои имаат многу значајни и многи вредни остварувања зад себе.

Игор Иванов, претседател на ДФРМ кој го водеше Собранието го соопшти и предлогот за прием на почесен член во ова друштво, Благоја Куновски Доре кој е неуморен многугодишен поддржувач на македонскиот филм. Куновски беше едногласно избран од членовите на ДФРМ.

Работниот дел на Собранието продолжува зад затворени врати со претходно утврдена агенда.

Трите филмски денови на ревијата, почнувајќи од денес се поделени во три дела: документарна програма од 17:00 часот, краткометражни филмови кои започнуваат во 19:00, додека пак долгометражните во 21:00 часот.

Сите проекции се во кино “Фросина” и се бесплатни.

Во делот на работната програма на „Златна рамка“ во сабота со почеток во 11:30 е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, а во недела исто со почеток во 11:30, Тркалезна маса на тема: “Нема кинематографија без филмска критика” предводена од страна на уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм, Ана Василевска.

You May Also Like