Академикот Ѓорѓи Филиповски, кој е единствен жив од тројцата основачи на МАНУ, на 6 мај наполни 100 години, а денес (четврток, 16 мај) во 12 часот во Академијата ќе се одржи свеченост за неговиот роденден.
Академик Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, биле тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ. Институцијата е основана на 23 февруари 1967, а прв свој претседател е избран, Блаже Конески.
Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високо образовни институции во земјава како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тогашниот Земјоделско-шумарски факултет, како и на МАНУ.
Роден е во 1919 година, во село Сорович, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947).
Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.
Тој е почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студиуми од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит) каде што бил избран на меѓународен конкурс.
Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетациско почвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ (педологија, агрохемија).
На денешниот свечен собир во МАНУ, за него ќе говорат академик Дончо Димовски, претседателот на МАНУ академик Таки Фити, професорката Татјана Миткова од Факултетот за земјоделски науки и храна, а ќе биде промовирана и книгата „100 години Ѓорѓи Филиповски“ од академик Глигор Јовановски. По што ќе се прикаже документарниот филм на МРТВ „Приказна од еден век – академик Ѓорѓи Филиповски“.