На 90-годишна возраст вчера почина академик Милан Ѓурчинов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Академик Милан Ѓурчинов е роден на 28 јули 1928 година во Белград. Во 1951 година дипломирал славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, докторирал во 1960 година на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а усовршувал во Љубљана, „Ломоносов“ во Москва и „Сорбона“ во Париз.
Академик Ѓурчинов бил професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за славистика, а во 1980 година ја основал Катедрата за општа и компаративна книжевност и бил нејзин раководител.
Активно учествувал на меѓународни и на домашни конгреси, симпозиуми и други собири, како и на семинарите за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Членувал во повеќе општествени и културни асоцијации и редакциски одбори. Бил член на Редакцијата на списанието „Разгледи“ и претседател на Советот на „Струшки вечери на поезијата“. Тој спаѓа во репрезентативната група македонски интелектуалци, значајни за културната афирмација на Македонија.
Академик Ѓурчинов е критичар, антологичар, теоретичар на литературата и славист, а неговата активност во областа на книжевната историја се однесува, пред сè, на руската книжевност, особено студиите за Чехов, Достоевски и Пастернак.
Член е на повеќе меѓународни тела и асоцијации: на Президиумот на Меѓународниот славистички комитет, чиј претседател бил од 2003 до 2008 година, на Извршниот совет на Европското друштво за култура (Венеција) и др. Од 2002 година бил член на Медитеранската академија во Неапол, Италија. Член е на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година, а во еден мандат бил и негов претседател.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 21 април 1994 година.
Погребот на академик Милан Ѓурчинов ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 26 јули (четврток) во 11,30 часот.
По повод смртта на акадeмик Милан Ѓурчинов, Македонската академија на науките и уметностите и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 27 јули (петок), во 11 часот.
фото: скрин шот од видео на окно.мк