Академик Ѓорѓи Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, биле тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ.
Во мај оваа година, МАНУ со голема свеченост ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање.
„Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски.
Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Роден е во 1919, во село Сорович, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947).
Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.
Беше почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина.
Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград.