Градот Скопје со субвенции за алат на занаетчиите од Чаршијата

Градот Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање занаетчии во Старата скопска чаршија за набавка на потребните алати и репроматеријали за занаетите што се во изумирање. Со цел да го стимулира опстојувањето на занаетите, Градот Скопје ќе ги субвенционира занаетчиите на подрачјето на Старата скопска чаршија за набавка на потребните алати и репроматеријали до 80% од докажаните трошоци, но не повеќе од 50.000 денари, со вклучен ДДВ.

Повикот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 20.12.2019 година. Субвенционирани ќе бидат само докажаните трошоци за предвидените намени настанати во периодот од 01.01-20.12.2019 година.

На овој јавен повик право на учество имаат:

• Занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од други извори;
• Занаетчиите кои се регистрирани согласно со Законот за вршење на занаетчиска дејност („Службен весник на РМ“ бр. 15/2015) и кои вршат занаетчиски дејности во изумирање (кројач, јорганџија, ташнар, опинчар, јажар, бојаџија, столар, крзнар, папуџија, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, сарач, саатчија, чевлар, стаклорезач, пекар, фотограф, бравар, производство на бижутерија, домашна ракотворба и самарџија);
• Регистрирани занаетчии кои имаат сопствен дуќан или под закуп лоциран во Стара скопска чаршија, кои при поднесување на барање до Град Скопје за субвенции за набавка на потребните алати и репроматеријали на занаетчиите на подрачјето на Старата скопска чаршија за 2019 година, ќе поднесат фактура или фискална сметка за набавените алати и репроматеријали;
• Намирени обврски кон државата и вработените;
• Започнале со работење најмалку 1 (една) година пред објавувањето на јавниот повик (регистрација/упис во Регистарот на занаетчии).

Јавниот повик е објавен и на веб-страницата www.skopje.gov.mk. Барањата за субвенционирање на занаетчиите се достапни во Архивата на Град Скопје, во Одделението за занаетчиство, угостителство и трговија и на веб-страницата www.skopje.gov.mk.

Барањето за субвенционирање занаетчии за набавка на потребните алати и репроматеријали за занаети во изумирање во Старата скопска чаршија со комплетната документација треба да се достави во затворен коверт на адресата Град Скопје, Сектор за локален економски развој, булевар Илинден, број 82, 1000 Скопје (со назнака – Комисијата за спроведување на постапка – Пријава за јавен повик за субвенционирање на занаетчии за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање во Старата скопска чаршија), најдоцна до 20.12.2019 година. Доколку се исцрпат предвидените финансиски средства, Градот Скопје ќе го објави завршувањето на јавниот повик на својата веб-страница.

Дополнителни информации во врска со овој јавен повик може да се добијат во Секторот за локален економски развој на телефонскиот број 3297 284 или преку e-маил адресите: Fevzi.Mani@skopje.gov.com и Biljana.Stojmanovska@skopje.gov.mk

Овој јавен повик Град Скопје го објавува согласно со програмата за финансирање на проекти за развој на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2019 година.

You May Also Like